Владата на Република Северна Македонија, на 23-та седница одржана на 20 Ноември 2020 г. го именуваше Зоран Петров за Национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи.
Роден е на 05.11.1962 г. во Скопје. Завршил Филолошки факултет при УКИМ, на катедрата за Општа и компаративна книжевност во 1987 година. Зборува англиски, српски и бугарски.
Зоран Петров бил заменик министер за надворешни работи (од 2006 г. до 2014 г.). Покрај своите обврски определени со Законот за надворешни работи и Законот за Влада на РМ, ги извршувал следните функции назначени од Владата:
- Висок претставник на РМ во Постојаниот комитет на државите-наследнички на СФРЈ за прашања на сукцесија (од 2008 г. до 2014 г.),
- Претседател на Меѓуресорската комисија за упатување лица од РМ во краткорочни мисии во странство (од 2009 до 2014 г.).
- Национален координатор за дијаспора (од 2007 г. до 2009 г.),
- Претседател на ад-хок комисиите за испитување на причините за пожарите во 2007 и 2008 г.
- Претседател на ад-хок комисијата за испитување на причините за несреќата на хеликоптерот на АРМ од јануари до мај 2008 година.
Од 2014 г. до 2020 г. бил вработен во Агенцијата за разузнавање на местото Раководител на Сектор во Директоратот за аналитика и истражување. Во 2018 г. бил распореден на позицијата Раководител на одделение во истиот Директорат, а од 2020 г., бил поставен на позицијата Советник на директорот на Агенцијата за разузнавање.
Исто така, бил вработен во Агенција за разузнавање од 1999 г. до 2006 г. на местото Началник на Одделение во Дирекцијата за аналитика. Завршил неколку разузнавачко-аналитички курсеви во Германија (2001) и Италија (2004), како и во Скопје во организација на ЦИА (2002) и МОСАД (2000).
Пред неговиот ангажман во Агенцијата за разузнавање бил новинар во „Нова Македонија“ од 1988 г. до 1999 г. Во тој период, ги добил наградите „Новинар на годината“ на „Нова Македонија“ во 1995 г. и Годишната награда за новинарство „Мито Хаџивасилев Јасмин“ на ЗНМ во 1996 г. Автор е на книгата „Атентат“ во октомври 1996 г. и бил уредник на Саботниот политички прилог во „Нова Македонија“ од 1997 г. до 1998 г.